фото: РСБСП/Плакат

Зимата носи многу снежни убавини, но и бројни предизвици на патиштата. Секој снег, мраз или дожд е тест за нашата одговорност зад воланот, посочуваат од Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), најавувајќи ја зимската кампања под мотото „Вози безбедно – стигни сигурно“, со порака дека малку повеќе внимание, правилна опрема и внимателно возење можат да спасат човечки живот.

Согласно Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата од 15 ноември до 15 март, задолжително е поседување на пропишана зимска опрема во возилата, а од РСБСП нагласуваат дека зимата претставува период со највисок степен на ризик на патиштата.

Главните опасности за возачите, како што посочуваат во соопштението се: лизгави коловози поради снег, мраз или „голомразица“, појава која често е невидлива и особено опасна, намалена видливост поради густа магла, врнежи, подолг пат на сопирање и нестабилност при нагли движења, намалена концентрација и замор на возачите.

РСБСП апелира до учесниците во сообраќајот да ги следат, како што посочуваат препораките кои спасуваат животи.

-Следете ги информациите за временските услови на патиштата, прилагодете го возењето според условите на патот, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и патната сигнализација, носете зимска опрема во возилото и користете ја соодветно, направете зимска проверка на возилото, одржувајте безбедно растојание меѓу возилата, избегнувајте нагло сопирање на возилото, избегнувајте нагло намалување или зголемување на брзината на возилото – се наведува во соопштението.

Од Републички совет напоменуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото, движење со намалена брзина, која во потполност е прилагодена кон условите на патот.

– Одговорноста не се мери само со почитување на законските одредби, таа се мери со ставот дека во секое возило, на секоја крстосница и пешачки премин, стојат човечки животи со свои семејства, планови и иднина. Со оваа кампања потсетуваме дека безбедноста на патиштата е заедничка обврска – само така може да изградиме култура на одговорно и безбедно однесување во сообраќајот – се додава во соопштението.