Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, покрај средбата за проширување на билатералната соработка меѓу Романија и земјава, со државниот секретар во романското Министерство за внатрешни работи, Рајед Арафат, кој раководи со Одделот за вонредни состојби, во Романската агенција за меѓународна соработка и развој – „РоАид“ (RoAid), вчера потпиша договор за донација на специјализирано возило наменето за зајакнување на капацитетите на ДЗС во справување со шумски пожари.
Оваа донација за ДЗС претставува значаен придонес во унапредувањето на оперативната подготвеност и потврда за континуираната поддршка од страна на „РоАид“ (RoAid). Почнувајќи од 2021 година, „РоАид“ е докажан и доверлив партнер на ДЗС со веќе реализирани донации на теренско возило (ATV) и радио комуникациска опрема.
Инаку, на билатералните средби за соработка, заедно со Ангелов беа раководителот на Одделението за меѓународна соработка, Валентина Атанасовска и советникот за оператива и логистика, Дејан Спасевски.
Ангелов, во име на ДЗС, изрази голема благодарност за досегашната соработка и поддршка, со уверување дека ова партнерство ќе продолжи да се развива и во иднина во интерес на граѓаните и регионалната безбедност.