Фото: Маја Јаневска-Илиева/Архива

Родители и наставници преку социјални мрежи апелираат учебната година да заврши веднаш, бидејќи сметаат дека нема услови за одржување на настава поради високите температури.

Таквиот став се забележува и во анкета објавена во фејсбук-групата „ Поддршка за онлајн настава“ што брои 16 илјади членови, во која 84 отсто од испитаниците изразиле мислење дека учебната година треба да заврши веднаш, додека осум отсто сметаат оти часовите треба да бидат скратени. Шест отсто, пак, бараат да се преземе нешто конкретно, без разлика на решението.

Учебната 2023/2024 година заврши за средношколците, додека учениците во основните училишта, согласно годинашната одлука за организација на наставата, до летниот распуст имаат уште една работна недела.

Крајот на учебната година првично беше предвиден на 17 јуни за сите ученици, но Министерството за образование и наука излезе во пресрет на барањето на Сојузот на средношколци, наставата за нив да заврши порано заради административните постапки на запишување на децата во високото образование.