фото: Пикселс / Илустрација

Да се оформи работно тело од родители во склоп на Министерството за образование и наука за партнерски да се решаваат проблемите во основното образование, а пред сѐ оние што произлегле од Концепцијата донесена минатиот март, која треба да се преоцени. Тоа го предлага Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има” чии претставници денеска имале средба со ресорниот министер Јетон Шаќири.

За нивната иницијатива министерот начелно се согласил, а средбата била конструктивна, соопшти по средбата во МОН Драгана Спасевска, претставник на оваа граѓанска иницијатива која на Фејсбук ги обединува родителите кои се против тековните реформи во основното образование.

– Очекуваме дека Министерството наскоро ќе го формира ова тело на родители и заеднички со министерот и Министерството ќе пристапиме кон решавање на бројните проблеми коишто ги остави претходната министерка Мила Царовска. Реформите треба да се по мерка на ученикот, со длабока анализа и ревизија на Концепцијата да се согледаат недостатоците, а потоа да видиме што треба, а што не треба.  Тоа не може да се случи наеднаш, туку етапно и ќе има доста работа. Даваме време, но многу е важно родителите директно да бидат вклучени во МОН – изјави Спасевска.

Покрај ревизија на Концепцијата за основно образование и решавање на проблемите што произлегле од нејзината имплементација, задача на работното тело на родители би била и формирање национална комисија за образование која ќе треба да обезбеди широко учество на јавноста во креирањето и следењето на образовните политики.

– Тука треба да влезат институции, стручната фела – педагошки факултети, а не поединци како што беше претходно во работењето на МОН. Не да одлучуваат поединци и невладини сектори во МОН – додаде претставничката на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има”.

Истакна дека нивното барање за заеднички да ги решаваат проблемите е и обврска на Министерството за образование и наука по одлуката што ја донесе Народниот  правобранител по нивната претставка која била покрената по спроведени истражувања со вклученост на сите основни училишта во државава.

– Добивме доволно голем број податоци и аргументи дека Концепцијата не се спроведува како што треба односно таа ги прекршува фундаменталните човекови права на учениците и на родителите и не е се така како што беше изнесено на хартија, туку реалноста е малку поинаква. Самиот Народен правобранител донесе предлози да се надминат тие проблеми – рече Спасевска.

Според нивниот предлог, работното тело на родители партнерски со МОН треба да учествува во правење анализи и подготовка на предлози за изменување и дополнување на Законот за основно образование и на други законски и подзаконски акти од областа на образованието и да лобира за обезбедување општествена поддршка.

Во врска со нивниот став за носењето заштитни маски на настава, Спасевска одговори дека заразата подеднакво се шири и во училиштата и во други јавни институции и ресторани и затоа, рече, треба да се размисли и да се биде фер кон децата.

– При носење на одлуките, треба да бидеме најмногу внимателни за децата, зашто ним им треба правилен развој, им треба воздух – рече претставничката на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има”.