Фото: „Нова Македонија“ / Илустрација

Дизел горивото од ноќеска на полноќ поскапува за 14,5 денари, а цената на бензините се зголемува за пет денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 14,27 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 е 79,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 81,5 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 85,5 денари за литар. Цената на екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) се зголемува за 12,5 денари за литар и ќе изнесува 82,5 денари, додека малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 7,044 денари за килограм и ќе биде 42,586 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 13,384 отсто, кај дизелот за 36,134 отсто, кај екстра лесното масло за 32,102 отсто и кај мазутот за 27,87 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,9444 отсто.