Фото: МИА

Решен сум да воведам ред, а тоа подразбира и да се изрекуваат казни. Над 40 казни имаме досега и ќе продолжиме сè додека не ги изолираме целосно овие девијантни појави – изјави градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски по спроведената 72-часовна акција за чистење на главниот град.

Соопшти дека затекнал 16 функционални камиони на ЈП Комунална хигиена зашто Градот должел за сервисирање. Како што рече во интервју за ТВ Сител, сервисерите излегле во пресрет и сега има над 40 оперативни машини кои работат на терен, очекува во наредните денови да има 60-ина со што, рече, би биле целосно оперативни. Со премиерот е разговарано и да се обезбедат нови машини.

-Граѓаните плаќале цел изминат период, но за жал, не ги добивале услугите. Моја цел ќе биде без разлика од кого е предизвкан проблемот, да се најде брзо решение. Јас сум тој кој ќе треба да ги решава проблемите и само така ја доживувам мојата позиција и довербата што ја добив од граѓаните – рече Ѓорѓиевски.

Соопшти дека во соработка со општествено оговорни компании ќе бидат поставени мрежи по течението на Вардар за заштита на речното корито. Такви има, рече, и во други европски центри и не му пречат на живиот свет. Укажа дека и централните инстиуции, како МЖСПП, ќе треба да се вклучат во казнување зашто, рече, не е доволно да санкционира само Град Скопје.

Градежни работи ќе се вршат по зимата, а дотогаш фокусот ќе биде на средување паркови и чистење на депониите.

-Вардариште се расчистува, во фаза е процес на одгасување. Девијантните појави од минатото конечно ќе бидат оставени зад нас и никој повеќе нема да биде сведок на тие слики и нема да се труе народот во нашиот главен град како што тоа, за жал, беше случај повеќе децении наназад. Ист третман ќе имаат и останатите жаришта – депониите во Визбегово, Шуто Оризари, покрај Лепенец итн – рече градоначалникот.

За задагувањето на воздухот рече дека не се решава едноставно и дека проблемот зависи од сите нас. Во наредниот период ќе се работи на проширување на мрежата на топлификација во главниот град. Како што рече, со експерти се консултираат и за третман и преработка на отпадот во Дрисла како едно од жариштата во Скопје.

Ѓорѓиевски посочи дека стои на ставот ЈП Комунална хигиена да биде расформирана и да се подели во ингеренции на скопските општини согласно бројот на жители.

-Но сега не сме подготвени за тоа, немаме можност зашто ова ЈП има премала механизација и ќе предизвикаме дополнителен хаос. Таа идеја не ја отфрлам откако ќе се зајакнат капацитетите. Ќе изградиме јаки и самоодржливи јавни претпријатија во служба на граѓаните – истакна градоначалникот на Скопје.

Во однос на јавниот превоз, посочи дека постоела одлука од минатото, но некој требало да потпише околу 200 автобуси на приватните превозници да бидат вклучени во сообраќај. Квотата не била исполнета, рече, во оптек возеле 40 до 50 автобуси.

Десеткуван е и возниот парк на ЈСП, рече, вклучени се 160 автобуси, а најмалку  270 се потребни за нормално функционирање и да нема доцнења и чекања.

Соопшти дека околу 3 милиони евра е долгот на ЈСП кон приватните превозници и дека се работи на тоа средствата да бидат обезбедени и ќе се договори начинот на исплата.

Возниот парк на ЈСП ќе биде обновен – во март треба да пристигнат 80 еколошки автобуси за Скопје преку Владата и Министерството за транспорт, и уште 70 за останатите градови низ Македонија.

Во петок Град Скопје ќе има седница за буџетот. Ѓорѓиевски очекува реализација на проектите затоа што има апсолутно мнозинство во Советот. Рече дека ќе има поддршка за сите прифатливи иницијативи.

-Советниците во мене не треба  да гледаат непријател и ниту јас гледам во нив непријател, туку да соработуваме за заедно да имаме што повеќе проекти за граѓаните – додаде Ѓорѓиевски.