На последниот Самит во Мадрид, што беше многу важен во ова критично време, НАТО порача дека секој сантиметар од својата територија е важен и, второ, дека ги зајакнуваме нашите капацитети за да одвратиме и да се одбраниме – рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на форумот „2BS – To Be Secure“ во Будва, Црна Гора, на панелот насловен „НАТО подготвено за иднината, спремно, силно и одлучно“.
Како што информира Министерството за одбрана, во фокусот на дискусиите беше улогата на НАТО во современите безбедносни случувања, и целта да се спротивстави на предизвиците и да докаже дека е способно да одбие, одврати и брани.
На панелот, на кој учествуваа и министрите за одбрана на Црна Гора, Рашко Коњевиќ, и на Босна и Херцеговина, Сифет Поџиќ, Петровска говореше за начините како може да се дојде до решение за сите отворени прашања на Балканот.
Заклучокот од дискусијата, посочува Министерството, е дека единствената гаранција за европска и просперитетна иднина на граѓаните на Западниот Балкан е дијалог и соработка.
– Кога на 24 февруари оваа година започна инвазијата, луѓето во мојата земја прашуваа дали сме безбедни, на што одговорив – да, безбедни сме затоа што сме земја членка на НАТО. Добро познатиот Преспански договор го разреши спорот кој траеше повеќе од 20 години, помеѓу Грција и С.Македонија. Потпишувањето на Преспанскиот договор се покажа дека е најголемиот влог во безбедноста на нашата земја. Мојата порака е дека во одредено време политичките лидери мора да донесат сериозни политички одлуки што ќе значат инвестиција во иднината на земјите – рече Петровска.
Министрите за одбрана на панелот разговараа и за актуелните предизвици со кои се соочува трансатлантската заедница, регионалните безбедносни предизвици со посебен акцент на последиците од руската воена агресија врз Украина, зголемување на отпорноста на демократиите, како и приоритетите за дејствување во трансатлантските односи.