ГЕВГЕЛИЈА
Во Богданци неодамна се одржа трибина во рамките на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ на Министерството за образование и наука (МОН) за унапредување на средното стручно образование во регионот.
На средбата беа споделени информации што се во интерес за подобрување на средното стручно образование, создавањето квалификуван и стручен кадар што ќе одговара на потребите на пазарот на трудот, но и за зголемување на можноста за вработување на младите.
Серијата трибини во соработка со локалните самоуправи е дел од агендата за идентификација на потребите на пазарот на трудот, врз чија основа се прават модификации во нашиот образовен систем. Низ дебатите со учениците и со претставниците на реалниот сектор, односно со нашето македонско стопанство, се презентираат предностите за средните стручни училишта, како и придобивките за учениците.
Градоначалникот на општината Сашко Поцков кажа дека веќе чекориме во третата декада од 21 век, кога на бизнисмените им се потребни пари, технологија и човечки ресурси.
– Парите може да се обезбедат преку профитно работење, кредити или други извори. Во глобализацијата сме опкружени со најсовремена технологија, така што главната битка во 21 век ќе се води за човечки ресурси. Затоа оваа средба ја сфаќам како партнерски однос меѓу сите нас што испорачуваме политика и бизнис-заедницата, со јасно дефинирани задачи. Централната власт да креира поволна и предвидлива бизнис-клима, Министерството за образование и наука да креира квалитетна наставна програма, а локалната самоуправа да обезбеди најповолни услови за примена на наставната програма. Обврска на бизнис-заедницата е да дава информации во согласност со своите краткорочни и среднорочни бизнис-планови за потребните кадри и да обезбеди услови за практична настава на средношколците – истакна во своето обраќање Поцков.
Министерката Мила Царовска истакна дека оваа кампања има цел да ја врати довербата помеѓу училиштата што нудат стручно образование и компаниите на локално и регионално ниво.
– Сите ние сме свесни дека потребата од квалификувани работници е голема и дека навистина е важно за развој на економијата, училиштата и образовниот систем да воспостават квалитетни образовни програми. Но за да можат тие да бидат квалитетни и во чекор со времето и потребите на компаниите, значајно е и тие да учествуваат во образовниот процес. И токму тоа ние го правиме заеднички со Стопанската комора. Како влада веруваме дека само преку овој тип на дијалог може да стигнеме до создавање квалификувани профили во однос на тоа што е потреба на компаниите – истакна министерката Царовска.