Со 14.000.000 евра средства обезбедени од ЕУ преку ИПА 2 фндовите, во општина Кичево ќе се изврши рехабилитација на канализациската мрежа, а голем дел рурални населби ќе добијат фекална канализација, која преку колекторскиот систем ќе биде поврзана со пречистителната станица за отпадни води.
– Кичево ќе биде првата општина во земјава каде со средства од ЕУ во износ од 14.000.000 евра, ќе се изврши рехабилитација на канализациската мрежа, а таму каде што ја нема ќе биде изградена секундарна мрежа, која ќе биде поврзана со главниот цевковод од каде фекалната вода ќе се упатува во пречистителната станица за отпадни води и со 99 проценти чистота ќе се враќа во блиската Зајашка река. Должината на колекторските цевки ќе изнесува 109 километри и ќе биде спроведен во поголем дел од селата во Зајашкиот регион, дел во Осломејско, Друговско и три крака во самиот град Кичево, каде досега се мешаа атмосферската и фекалната вода – информира Сабедин Емини од општина Кичево, задолжен за реализација на овој проект.
Деновиве ќе биде избран и изведувач на работите по што ќе почне имплементација на овој еко-проект.