Проект за реконструкција на патната инфраструктура за пристапен пат до манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ во селото Варовиште и проект за изградба на потпорни карпи на критични локации во градот се двете големи градежни активности што ќе се реализираат во општината Крива Паланка.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски одржа работен состанок со изведувачите на претстојните проекти за воведување во овие големи градежни активности.
Првата е во сферата на промоција на туризмот и историското наследство, со средства обезбедени преку Бирото за регионален развој и преку овој проект ќе се извршат реконструкција и санација на патниот правец кон манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, со инвестиција од 13,5 милиони денари без ДДВ. Втората градежна активност за изградба на потпорни ѕидови на неколку локации во градот, и тоа на улиците Баглачка и 11 Октомври, ќе се реализира со средства во висина од пет милиони денари без ДДВ, обезбедени од општинскиот буџет.
На работниот состанок присуствуваше и митрополитот кумановско-осоговски, д-р Јосиф, како соработник на општината и логистички партнер, во проектот за реконструкција и санација на патниот правец кон манастирот „Свети Јоаким Осоговски“.