Од денес до недела на платото кај железничката станица во Кичево, ќе се одржи шестиот есенски панаѓур на кој учествуваат трговци од целата земја.
На штандовите се нуди од кожна галантерија, обувки, облека, постелнини, завеси, техничка стока, алат, до секаков вид дребулии. Иако панаѓурот е посетен од голем број на граѓани, сепак забележливо е дека само мал број пазарат, тоа го потврдија и сопствениците на овие штандови.
-Од година во година бројот на купувачи на овој панаѓур е во опаѓање и повеќето граѓани само разгледуваат, а мал е бројот на вистински купувачи. Иако нудиме производи по багателна цена, сепак и со овој попуст на повеќето посетители им е скапо. По малку станува неисплатливо учеството на истиот – вели трговец на текстил од Штип, кој се пожали на малиот промет.
Граѓаните сепак се задоволни што можат по доста ниски цени да најдат работи како за себе така и за своите деца и за домаќинството.
-Благодарение на пониските цени на панаѓурот, можеме да се снабдиме со обувки, тренерки и долен веш како за нас така и за нашите деца. Во нашите продавници цените се многу повисоки и тоа е главната причина зошто тука пазариме веќе неколку години – посочија Горан и Јован, родители, кои на панаѓурот купуваа за своите малолетни деца.
Зоран Антоски