Кавадарчани трчаа хуманитарно, собраните пари од котизација за учество во мини полумаратонот и од случајни минувачи, се наменети за помош на социјално загрозено семејство. Настанот беше во организација на младите од Црвен крст Кавадарци, во рамките на програмата за промоција на хумани вредности.
-Со ова уште еднаш се докажува кавадаречката хуманост. Прекрасно е чувството кога помагаш некому, на кого тоа му е неопходно. Убаво е да направите некого среќен, рекоа младите организатори, заблагодарувајќи се на градоначалникот и локалната самоуправа, како и на неколку компании од градот, за поддршката при организирањето на овој хуманитарен настан.
Ова не е единственото нешто од ваков карактер, кое го организираат овие млади. Меѓу другото, тие, како што рекоа, помислија и на своите врсници со попреченост во развојот.
-Со желба да ги вклучиме во активниот живот заедно со сите други деца, уривајќи ги невидливите ѕидови на предрасудите, почнавме секојдневно да ги посетуваме во училиштето и во Дневниот центар. Ќе продолжиме со ваквите активности – нагласија организаторите.
Бојан Чаприќ го освои првото, Андреј Андовски второто, а Влатко Гурев третото место на мини полумаратонот. Медалите им ги врачи градоначалникот Митко Јанчев, кој ја поздрави хуманоста на младите кавадарчани.
Хуманата акција на подмладокот на кавадаречкиот Црвен крст ја пофали и Милан Колев, претседател на Сојуз на училишни спортови од Кавадарци.