ШТИП

 

Едукативно-хуманитарната организација „Ехо“, со поддршка од Општина Штип, во согласност со Програмата за еднакви можности, спроведува рекреативно-спортски тренинзи наменети за помош при справување со стрес за самохраните мајки. Како што за „Нова Македонија“ информира Бети Пеева од организацијата, која е и инструкторка, целта на овие активности, кои се во тек, е да се создаде социјална близина меѓу жените, посебно сега во услови на пандемија. Тренинзите се реализираат на отворено, а ќе траат до декември.
– Се востанови потребата од тоа мајките да се релаксираат и да се физички активни. Тоа што го прават се спортско-рекреативни активности наменети за нив, поточно се работи за функционален фитнес. Низ специјални и приспособени вежби, тие се релаксираат, разговараат меѓусебно, а низ тие активности се справуваат со секојдневниот стрес со кој се соочуваат. Овие активности се прават во рамките на Програмата за еднакви можности од општината – информира Пеева.
За тренинзите интерес покажуваат и жени што не се самохрани мајки, па поради тоа се размислува да се вклучат и тие.
– Ова време на ковид е тешко, па низ ваквите активности се создава социјална близина. Сега планираме да овозможиме да доаѓаат и оние мајки чии деца се мали и нема кој да им ги чува, со цел и тие да можат да дојдат. На секоја средба бројот на учеснички се зголемува бројот, еве, засега имаме 15 жени – додава Пеева.
Тренинзите се реализираат секој понеделник и четврток со почеток во 18 часот. Заинтересираните самохрани мајки може да испратат порака на фејсбук-профилот на „ЕХО“ (https://www.facebook.com/echostip).