ОХРИД

Во рамките на проектот „Сакај го Охридско Eзеро – единствено е во светот“, имплементиран од невладината организација „Нова Порта“, изминативе два месеца беа реализирани многубројни активности за издигнување на еколошката свест, информираат во Општина Охрид.
– Како дел од активностите на проектот, на повеќе локации на брегот на Охридско Езеро, учениците од охридските училишта собираа отпад, пластика и амбалажи од најразлични материјали, кои несовесните граѓани ги фрлале по плажите и околината на езерото. Најмалите преку вакви акции осознаваат за значењето на здравата животна средина. Во таа насока се организираа и едукативни екоработилници, како и екоакција заедно со нуркачите за расчистување на дното на езерото – информираат во Општината.

Целта на проектот „Сакај го Охридско Езеро – единствено е во светот“ е издигнување на екосвеста кај младите, всадување љубов кон природата, поттикнување активизам со организирање екоакции и екоработилници, запознавање на младите со ендемичниот свет, кој милиони години живее во Охридско Езеро.

Во рамките на проектот „Сакај го Охридско Езеро – единствено е во светот“, изработен е и видеоспот преку кој младите испраќаат силни и јасни пораки за издигнување на еколошката свест, а како главна активност е мапирање на исчистените плажи со екознамиња со кои се обележуваат еколошко-чистите плажи.