ОХРИД

Градоначалникот Константин Георгиески се сретна со претставници на охридското здружение „Угостителски eснаф“ и со претставници на асоцијацијата на хотелиери „Хотам“ во врска со новите мерки за заштита на населението од заразната болест ковид-19 што ги донесе Владата по препорака на Комисијата за заразни болести.
На состанокот присуствуваа и претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска, и раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид, Ѓоко Апостолов.
Градоначалникот Георгиески се запозна со забелешките и проблемите со кои би се соочиле угостителските објекти и хотелските капацитети во спроведувањето на донесените мерки, кои треба да бидат активни од 16 август.
Забелешките најмногу се однесуваа на воведувањето задолжителна потврда за извршена имунизација и воспоставувањето задолжителна редарска служба заради контрола на приложувањето доказ за вакцинација, при влез во секаков вид објект на отворено, вклучувајќи и во угостителски објекти, каде што има повеќе од 30 присутни лица, за каков било настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани) на отворено.
Угостителите и хотелиерите од Охрид сметаат дека голем дел мерки се тешко спроведливи и нефункционални, бидејќи е средина на туристичка сезона и на охридското крајбрежје има голем број резервации за летување од странски туристи и туроператори.
Градоначалникот Георгиески истакна дека Општината и Советот ќе ги разгледаaт законските и правни можности за подготвување иницијатива или барање со одредени конструктивни предлози во однос на донесените мерки, кои би се доставиле до надлежните институции на централно ниво.