Амбасадорката на Република Турција во земјава,Тулин Каран, беше во посета на Кичево. При еднодневниот престој во градот таа го посети О.У. „Санде Штерјоски“, каде наставата покрај на македонски и албански се одвива и на турски наставен јазик.
Исто така турската амбасадорка на библиотеката од ова училиште и подари 250 книги со повеќе наслови, а посети и една паралелка каде имаше кратка средба со учениците кои наставата ја следат на турски јазик. На заминување од ова училиште, од страна на директорот Јонуз Пињоли и беше подарен вазна со автентичен изглед и форма својствени за кичевскиот регион.
– Целта ни е да го посетиме ова училиште во кое наставата се одвива на турски, македонски и албански јазик, што претставува едно значајно богатство. Исто така сакавме да се запознаеме со почитуваниот директор, почитуваниот наставен кадар, учителите и учениците. Имавме чест да доделиме и 250 книги, исто така ќе имаме прилика сите заедно да учествуваме на еден настан каде имаме близу 1000 деца и каде што ќе имаме доделување на книги, така што сите овие активности се одвиваат во насока на нашето вековно пријателство меѓу двете земји. Станува збор за две братски- пријателски земји. Република Турција е првата земја која ја призна независноста на Македонија, исто така е првата земја која именува амбасадор во Република Македонија. Нашето пријателство се базира на многу цврсти темели и доста длабоко е вкоренето, затоа сме овде да се запознаеме со луѓето и да разговараме кои се недостатоците на училиштето и како може да допринесеме во решавање на истите – истакна амбасадорката Тулин Кара.
По посетата на училиштето амбасадорката Каран, се упати во спортската сала„ Јанчица“ каде беше подготвена програма, а на децата учесници во програмата им подари книги ,а на оние од социјално ранливи категории им додели и материјална помош, со што беше заокружен нејзиниот престој во Кичево.
З.А.