КИЧЕВО
Со пандемијата на ковид-19 драстично падна прометот во трговијата во државата. Печалбарите не се вратија на годишен одмор во земјава, а поради затворањето на границите во повеќе земји, беше оневозможен и увоз на поголем број артикли. Сето тоа предизвика незапаметен пад на прометот во трговијата и стана речиси неисплатливо да се работи во објект за кој треба да се плаќаат трошоци и кирија.
Оние што не ги затворија продавниците, не се воопшто задоволни од остварениот промет, но немајќи друг избор остануваат отворени и покрај малата заработувачка.
Сепак, најмногу се погодени трговците што не поседуваат сопствен дуќан и нивното работење е обременето со кирија што мора секој први во месецот да му ја платат на сопственикот на објектот, без оглед на тоа дали имаат или немаат промет.
– Оваа календарска година се соочуваме со проблеми какви што сме немале од почетокот со работа. Бележиме рекордно низок промет во изминативе години и децении и речиси сме на границата на опстанокот. Граѓаните под притисок на коронавирусот единствено размислуваат да обезбедат неопходни прехранбени продукти и лекови, а за се друго се чини чекаат подобри времиња.
Ги следи голема несигурност, бидејќи поголем дел од нив стравува и за сопствената егзистенција. Покрај малиот промет, проблем ни претставува и немањето доволно асортиман во магацините од каде што традиционално се снабдуваме со стока и сето тоа дополнето со малиот промет и големите трошоци нѐ доведува до помисла дека и ние треба да ставиме катанец на нашиот дуќан, како и повеќе наши сограѓани – вели Енсул Туфекчиоски, чија судбина ја делат мнозинството трговци во кичевската чаршија.
Најголемата ставка во прометот во Кичево беше од печалбарските пари што годинава ги нема, а без овие пари градот и општината не можат да го замислат сопствениот развој, но и опстанок, бидејќи се смета дека на годишно ниво по разни основи од печалбарите во градот се слеваат стотина милиони евра.
Според груба пресметка, само за свадби и свршувачки во текот на летото се трошат и до 10 милиони евра, прилив што оваа година изостана.
Дали ситуацијата ќе се подобри следната, но и наредните години во голема мера ќе зависи од состојбата со коронавирусот. Менаџерот на ресторани за свадби Џевдет Далипи вели дека и лицата што претходните години беа ангажирани во рестораните поради овој проблем останаа без ангажман, а нив ги има во голем број во 16 ресторани за свадби во градот и во селата.