Во 86-та година од животот, синоќа во Охрид почина д-р Драги Стефанија истакнат лингвист, македонист, фолклорист, новинар и публицист. Меѓу другото, ќе остане запаметен и по бројните текстови објавени на страниците на „Нова Македонија“ во кои со голема посветеност пишуваше за македонскиот јазик. Во збирката колумни „Погледи кон светилникот“, што нашиот весник ја издаде минатата година, Стефанија е застапен со две колимни „Македонска агонија“ и „Македонско-грчка клацкалка“.
Драги Стефанија е роден во Охрид на 10. 11. 1933 година, каде што завршил основно и средно образование. Филозофски факултет на групата македонски јазик и литература, книжевност на народите на СФРЈ и руски јазик завршил 1958 година, а 1. степен право во 1960 година. Како студент бил соработник во весникот на Скопскиот универзитет Студентски збор, а во Институтот за македонски јазик бил собирач на дијалектно градиво. Извесно време е стручен соработник по македонски јазик за квалификувани и висококвалификувани работници и подготвителни курсеви за упис на високите школи на луѓе без матура во Работнички универзитет во Скопје.
По скопскиот земјотрес се враќа во Охрид и работи во Заводот за школство на Охридска околија, како просветен советник за училиштата од 2.степен и е уредник на списанието за стручно-педагошки проблеми Актуелности – околу 3 години. Од 1965 година е дописник на Радио Скопје, подоцна и на телевизија. Во 1967 година станува лектор по македонски јазик на Филозофски факултет во Љубљана каде што докторира во 1980 и во 1982 година станува доцент, во 1986 е избран за вонреден и во 1990 година за редовен професор по македонски јазик и литература на истоимената катедра. Од доцентурата до пензионирањето е шеф на македонистичката катедра, којашто сам ја основал, а 4 години ја води и југославистичката група.
Д-р Стефанија објавува македонистички и компаративистички студии и книги во Македонија, Словенија, Хрватска, Германија, Унгарија, Полска, Украина.