Екстремната суша што со месеци е присутна во земјава негативно се одрази врз многу земјоделски гранки, а сѐ помал доток на вода има и во реките и во рибниците. Проблемите со недостиг од вода најдобро ги отсликува состојбата со најголемиот рибник во земјава, лоциран на извориштето на реката Треска во селото Извор, кој има капацитет за производство на 300 тони првокласна пастрмка и рибен подмладок.
– Рибникот во селото Извор работи повеќе од 40 години, но толку големи проблеми со недостиг од вода на изворот на Треска за нормално функционирање на рибникот сме немале. За нормално функционирање на рибникот е потребна штедрост на изворот од барем 800 литри вода во секунда, а во овој момент штедроста на изворот изнесува едвај 250 литри, што е помалку од половината од неопходните количества вода за негов опстанок – вели Душко Радески, менаџер на рибникот, кој бара начин како да се премости овој исклучително критичен период.
За да се обезбеди дополнително количество вода за рибникот, бил ископан бунар во непосредната близина, од каде што се добивале дополнителни 40-50 литри вода во секунда. Ова количество не е доволно, но ја подобрува критичната фаза.
– Ние, по традиција, во текот на есента сме имале најголема потрошувачка на риба. Годинава поради пандемијата на ковид-19 потрошувачката е помала, а резервите на консумна пастрмка во базените поголема, што уште повеќе ни ја отежнува работата. Бидејќи во базените нема доволно вода за рибите, принудени сме да вршиме аерација или збогатување на водата со кислород, исто така користиме и цистерни со кислород за да можат рибите да егзистираат во што понормални услови со помали загуби. Овие зафати придонесуваат да ја зголемиме и потрошувачката на електрична енергија, а ова негативно се одразува врз нашето работење, обременето со зголемени расходи – додава менаџерот Радески.
Покрај екстремната суша, дополнителни проблеми поради пандемијата ни создава и драстично намалената побарувачка на рибен подмладок.
– Во моментов располагаме со 1,5 милион единки рибен подмладок, што е еквивалент на 40 тони рибен подмладок. Ние не сме единствениот рибник што се соочува со овие проблеми, бидејќи имаме информација дека повеќето рибници во Битолско и други региони се соочуваат со слични проблеми, а во моментов единствена надеж е повеќе дожд и снег, за да се зголеми штедроста на изворот, кој во минатите децении во овој период изнесуваше над 1.000 литри вода во секунда, што во овој момент е незамисливо – завршува Радески, со надеж дека состојбите барем малку ќе се поправат.
Веќе три години, поради малиот доток на вода во Треска, затворен е рибникот кај селото Подвис, а рибникот во селото Добреноец драстично ги намали количествата на риба есенва токму поради истиот проблем. Соочени со овие проблеми, производителите на пастрмка очекуваат државата и ним да им подаде рака, за полесно да го пребродат овој кризен период.