Во присуство на министерот за земјоделство Трајан Димковски, градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, директорот на ЈП „Стрежево“ Методија Граматковски и на претставници од областа на земјоделието, денес се изврши порибување на Стрежевското Езеро со прастрмка и со крап.
Во Стрежевското Езеро беа фрлени 1.000 единки млади риби крап и 5.000 риби од 10 до 70 грама, пастрмка.
– Денес го реализиравме порибувањето на места кои се најпогодни според стручните лица, за опстанок на младата риба. Чинот на порибување подразбира набавка на специфициран порибителен материјал, негов транспорт во адекватни контролирани услови од репроцентарот до предвидената локација и безбедно испуштање во риболовната вода – рече директорот на ЈП „Стрежево“, Методија Граматковски, кој притоа нагласи дека порибувањето на Стрежевското Езеро е со сопствени средства на претпријаието.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која присуствуваше на порибувањето истакна дека денешната активност е најдобар пример како, не само да користиме од природата, туку да умееме и да враќаме назад кон неа.
– Во оваа прилика сакам да упатам честитки до раководството на ЈП „Стрежево“ и директорот Граматковски за исклучителната успешност во изминатиот период. Соработката со Општина Битола е одлична и она на кое што заедно работиме е разгледување на можностите за користење на технолошка вода во рамките на самиот град – посочи Петровска. М.М.