Водичарските кумови од сите села во Кичевско ќе се соберат во црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во Кичево, на утрена богослужба и т.н. богојавленски часови, по што ќе следува големиот Богојавленски водосвет. Кумовите од дома ќе донесат погача, котле со крст, закитен со босилек и шарен конец, додека на заминување од храмот за дома ќе наполнат богојавленска осветена вода. Околу пладне, од домот на кумот ќе се упатат во семејствата од нивниот крст, при што ќе ги благословат домаќините, ќе им посакаат многу здравје, среќа и бериќетна година.
– Верниците наредниот ден ќе се соберат во црковните храмови во селата. Во одделни села крстот и кумството од старите на младите кумови се предаваат на првиот ден Водици, или Машки Водици, додека во другите села кумството се предава на вториот ден Водици, или т.н. Женски Водици. Во Кичевско, во некои села, Водици се слави два дена, а во некои се слави три дена – рече отец Александар Крстаноски.
Овие обичаи се карактеристични само во делови од земјава, пред сѐ во Кичевско и во Порече.
Овој саботен ден е строг пост, ден во знак на подготовка на празникот Богојавление.