Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на Државните електрани на Македонија, Драган Миновски и директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски денес на Техничкиот факултет во Битола ги доделија договорите за стипендии на дванаесет студенти од овој факултет.
Станува збор за студенти од прва, втора и трета година кои веќе користат стипендии од АД ЕЛЕМ, а правото го стекнале со исполнувањето на критериумите предвидени во договорот, односно задржале просек не помал од 8 (осум).
– АД Електрани на Македонија, како општествено одговорна компанија, сака да вложува во младите луѓе, сака да помогне во продуцирањето кадар, особено од областа на техничките науки, електротехниката и информациските технологии, како и од други области кои се барани во стопанството и на кои во иднина уште повеќе ќе почива индустријата и целата економија – рече Миновски, генерален директор на АД ЕЛЕМ при доделувањето на договорите за стипендии и подвлече дека битолскиот универзитет и во неговите рамки Техничкиот факултет, а и другите унивезритети во државата се значаен партнер на АД ЕЛЕМ.
Директорот на РЕК Битола, Ковачевски изрази задоволство од фактот што АД ЕЛЕМ продолжува со поддршката на студенти кои наскоро можеби ќе бидат дел од колективот на Рударско – енергетскиот комбинат Битола.
-Нема дилема дека иднината останува на младите, а се надевам дека студенти кои добиле, или ќе добијат стипендија од Државните електрани на Македонија, ќе бидат светлата иднина на најголемиот производител на електрина енергија во земјава – РЕК Битола. Ги охрабрувам студентите на Техничкиот факултет во Битола кои користат или ќе користат стипендии од АД ЕЛЕМ, да не штедат напори во стекнувањето знаења. Уште поважно, ги повикувам тие знаења да се обидат да ги стават во функција на развојот на македонскиот енергетски сектор, и тука, во РЕК Битола да најдат своја егзистенција – истакна Ковачевски на доделувањето на стипендиите.
Инаку Техничкиот факултет Битола врз основа на Одлука на Управниот одбор на АД ЕЛЕМ, деновиве распиша нов конкурс за доделување на пет нови стипендии за студенти од Техничкиот факултет запишани првпат, во Прва година во учебната 2017/2018 година. Можност за пријавување имаат сите студенти од електротехничкиот и машинскиот отсек, како и студенти од отсекот мехатроника кои оствариле просечна оценка не помала од 8 (осум), по завршување на првиот семестар. Финансиската поддршка од АД ЕЛЕМ за студентите од Техничкиот факултет Битола изнесува 6.000 денари, во траење од десет месеци секоја академска година.