Советот на општина Прилеп денеска ја одржа редовната 52 седница, на која советниците расправаа по повеќе прашања кои што се од интерес и значење за граѓаните. Усвоен е извештајот за работата на Советот за 2020 година и Програмата за работа за 2021 година, како и Одлуката за усвојување на Програмата за работа и развој со инвестициони вложувања и финансискиот план за 2021 година на ЈКП „Водовод и канализација“. Согласно финансискиот план, планираните приходи на јавното претпријатие за тековната 2021 година изнесуваат 214, а расходите 204 милиони денари.
Членовите на општинскиот Совет ја изгласаа и Одлуката за донесување урбанистички план за вон населено место за изградба на Е2-комунална супраструктура – градби за производство на енергија термоелектроцентрала на биогас и сообраќајно регулирање на крстосница со регионален пат Р1107, м.в. Дуј Гас, КО Ново Лагово, плански период 2020-2030. „Зелено светло“ доби и предлог-програмата за измена и дополнување на Програмата за финансирање на изработка на урбанистички планови на територијата на општина Прилеп за 2021 година.
На денешната седница која се одржа онлајн, советниците ја усвоија и програмата за култура за 2021 година, а изгласаа и повеќе други одлуки. Ка.М.