Фото: Зоран Антоски

Група ентузијасти и љубители на чистата природа од Кичево, потпомогнати од членовите на извидничкиот одред „Мирко Милески“, спроведоа дводневна акција за чистење и преуредување на кругот од поранешниот дом на АРМ. При оваа акција беше искосена тревата, собрано расфрланото ѓубре, неисчистено со години, пресечени сувите стебла и поставена нова урбана опрема, клупи и столици. При овој зафат беа собрани дури 60 пластични вреќи секаков вид отпад и целиот простор за еден час комплетно го промени својот изглед.

Презадоволни од подобрениот изглед на просторот, учесниците во оваа акција најавија и нови слични еколошки акции и на други локации во градот и неговата околина.

Фото: Зоран Антоски

– Кога ќе се спојат неколку ентузијасти со иста добронамерна цел, тогаш убави работи се случуваат. Овој колоритен исход што го имаме денес произлегува од нашето разочарување и бес. Со носталгичност се присетуваме на поранешните времиња и прекрасниот изглед на овој локалитет. Затоа решивме да се активираме и едноставно да направиме промена. Сега добивме место, паркче што е убаво, чисто и функционално. Им благодариме на сите локални мали бизниси кои веруваа во нас и нѐ поддржаа. Исто така голема благодарност до сите што одвоија дел од своето драгоцено време, дојдоа и помогнаа во оваа еко-акција. Најголемата благодарност до извидниците од извидничкиот одред „Мирко Милески“, посебно на малите работни пчелички, кои неуморно помагаа до самиот крај. Ние продолжуваме и се надеваме дека во понатамошните акции ќе активираме и анимираме повеќе граѓани, невладини организации и компании – истакна Стефани Маркоска—Јаќимоска, дел од тимот од каде произлезе иницијативата за спроведување на оваа акција.

Фото: Зоран Антоски

Ѓубрето собрано во пластичните вреќи го подигнаа вработените од ЈКП „Комуналец“, Кичево.

Преуредувањето на овој локалитет во добра мера ќе го надомести немањето на соодветен парк во градот, бидејќи Китиното Кале во моментов ни оддалеку не ги задоволува реалните потреби на граѓаните.

Фото: Зоран Антоски

З.А.