СКОПЈЕ

На 10 август, со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде прикажан вториот краток филм за старо Скопје, со наслов „Раѓањето на градот“, чиј автор е режисерката Катерина Габунија, а носител на проектот е „Вардар филм – Скопје“. Проектот е поддржан од Град Скопје, а е реализиран во соработка со Кинотеката на Македонија. Монтажата и изборот на музика е на Мартин Никлески, дигитализацијата и дигиталната обработка на Александар Трајковски, а дизајнер на звук е Сашко Потер Мицевски. Филмот ќе биде прикажан во рамките на фестивалот на нем и класичен филм, кој првпат ќе биде организиран во соработка со Кинотеката на Македонија и здружението „Кино Балкан“. За тоа што претставува овој филм за скопјани и за Скопје разговаравме со иницијаторката, режисерка и координаторка на проектот, Катерина Габунија.

За каков проект станува збор?
Ова е колаж од дигитализирани осуммилиметарски филмски ленти, чии протагонисти се граѓаните на Скопје. Нивните приказни креираат емотивна, забавна, но и носталгична филмска сторија за Скопје и скопјани, раскажана низ најважните периоди од животот на еден човек. Младоста полна елан и љубов, периодот на созревање и градење дом и семејство и раѓањето нов живот се клучни елементи на овој видеоколаж. Процесот на реализација на овој проект започна со јавен повик до граѓаните за собирање на осуммилиметарски и суперосуммилиметарски ленти. Се продолжи со нивна дигитализација и дигитална обработка, а потоа се премина кон монтажа на сликата и звукот. Проектот „Тајните архиви на Скопје“ доби поддршка за реализација и на трет дел. За таа цел се обраќаме до граѓаните на Скопје што во своите домови сѐ уште чуваат осуммилиметарски и суперосуммилиметарски филмски ленти да ги донесат своите ленти во просториите на НУФЦ „Вардар филм“ или да ми се обратат директно мене, како авторка на проектот, на [email protected] или на 070 341 463. Граѓаните што со своите ленти ќе учествуваат во проектот, ќе добијат свои дигитализирани копии и, секако, ќе бидат дел од еден интересен филмски колаж. На овој начин, преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8 и супер 8 мм) од домашната архива на скопјани се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани, ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи.
Од каде идејата за еден ваков филм?
Идејата за филмот, а наедно и за целиот проект „Тајните архиви“, всушност, беше зачувување на архивските материјали односно зачувување на културното наследство на Скопје. Со дигитализација на осуммилиметарските ленти и нивна монтажа во краток филм за Скопје, градот и скопјани засекогаш ќе ги имаат спомените на едно старо Скопје, кое одамна го нема, а им недостига на постарите генерации, но и буди љубопитност кај помладите, како тоа изгледало некогаш.

Како реагира публиката?
Првиот дел на филмот помина одлично. Ги надмина моите очекувања и затоа релативно брзо започнав со нов повик и реализација на втор дел. Заинтересираноста за вториот дел веќе беше поголема. На повикот за дигитализација собравме многу материјал, кој, за жал, поради епидемијата не успеавме целосно да го дигитализираме, но тоа ни дава можност да го вклучиме материјалот во следниот дел.
Третпат по ред добивате проект за снимање нови материјали. Дали тоа значи дека „Тајните архиви на Скопје“ е нешто што му недостигало на градот?
Сѐ поголемата заинтересираност за овој проект, желбата на граѓаните со своите материјали да учествуваат во проектот, како и соработката со институциите да помогнат при реализацијата ни е голем показател дека баш нешто вакво им недостигало на Скопје и скопјани.
Ја подготвувате премиерата на вториот дел на 10 август, во Кинотеката на Македонија.
Вториот дел, односно „Раѓањето на градот“ е посебна емотивна приказна, во која сакав да ужива публиката од сите генерации. Прикажани се младоста и љубовта, дружби, забава, како и созревањето, создавањето потомство. Нивното растење ги прикажува и растењето и развојот на градот. Музиката е еден клучен дел од филмскиот колаж, таа го отсликува времето и ве води низ приказните. Публиката ќе може да ги слушне хитовите на „Бис без“, „Лева патика“, „Бонтон“, но и да ужива во песните на Шпато преку одличниот микс на Андреј Мицајков.
Повикот за собирање материјали е во тек. Каде граѓаните да ги донесат овие осуммилиметарски и суперосуммилиметарски ленти?
Граѓаните што сакаат да бидат дел од проектот и нивните осуммилиметарски и суперосуммилиметарски ленти да бидат дигитализирани ќе можат да ги донесат во просториите на „Вардар филм – Скопје“ или, пак, да ме побараат лично.