БУТЕЛ

Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, им додели сертификати и пригодни подароци на наставниците што дадоа особен придонес во реализацијата на учењето од далечина. На свеченоста што беше одржана во дворот на училиштето „Живко Брајковски“ сертификати им беа поделени на 50 наставници од сите седум основни училишта.
На свеченоста, што по овој повод се одржа во дворот на ОУ, „Живко Брајковски“, градоначалникот Смилевски им изрази голема благодарност на наставниците од сите седум основни училишта за пожртвуваноста и деноноќниот напор да се премостат проблемите во наставата и да се анулираат тешкотиите што ги направи коронавирусот во образовниот процес.

Од името на наставниот кадар се заблагодари Љубица Атанасовска, наставничка по македонски јазик во „Живко Брајковски“, која со многу емоции раскажа како се чувствувале учителите по пустошот во училиштата што ненадејно го донесе пандемијата на ковид-19. Таа зборуваше за огромните тешкотии и напорот за повторно да се спојат со учениците, да се подготват за часовите пред телевизиските камери, да се нахрани со наставни содржини националната веб-платформа Едуино, секојдневно да се решаваат проблемите во онлајн комуникацијата, со компјутерите, интернетот.

Таа му се заблагодари на градоначалникот Смилевски и додаде дека овие сертификати и признанија се како мелем, како стимул и ветер во грбот на наставниците за поорганизирано, похрабро и поквалитетно да почнат да работат во новата учебна година.