Жителите на кумановското село Довезенце и годинава го одбележаа големиот христијански празник Спасовден.
Прославата традиционално и оваа година се одржа во пазувите на планината Еленац (н.в.463м) кај местото Крстче, близу до селскиот кладенец.
За оваа голема прослава на селото жителите изградиле и посебен објект во кој се приготвува и служи храна.
На прославата присуствуваше и свештено лице кое службено по каноните на црквата на селското Крстче, со традиционалните селски обичаи (кршење на погача и со читањето на божјата молитва) изврши примопредавање на кумството на славата од стариот на новиот кум, по што прославата продолжи со песни, ора и традиционален ручек.
На прославата оваа година присуствуваа повеќе од двеста луѓе од месното население од селото и поранешни жители на селото од Куманово , Скопје и од некои други градови од државата.
Т.Д.