Во Општина Кичево веќе два месеци се одвива акцијата за хуман третман на кучињата-скитници, за што беше ангажирана Ветеринарната клиника ИНО-ВЕТ од Куманово. Од почетокот на оваа кампања регистрирани се помал број на напади од кучиња-скитници врз граѓаните на Кичево, за разлика од периодот пред тоа. Уште извесен период ќе биде потребен со оваа акција да се опфатат сите кучиња скитници кои ги има во градот.

-Од 30 мај оваа година започна акцијата за здравствена заштита и вакцинација за кучињата скитници во Општина Кичево. За спроведување на оваа акција беше направен договор со Ветеринарната клиника ИНО-ВЕТ од Куманово. Во изминатите два месеци откако тече акцијата заловени се повеќе од 100 кучиња-скитници. Врз овие кучиња се извршени прегледи, оние кои се здрави се вакцинирани, додека оние кои се болни, агресивни или стари, извршена е еутаназија. Врз здравите кучиња е извршена стерилизација независно од полот и ставен е идентификациски број, а истите добија своја книшка со соодветен број и фотографија од самото куче, по што се вратени на улица на местата каде што се заловени – вели Емилија Петкоска, овластен инспектор за животна средина од Кичево.

Откако започна оваа операција кај поголем број граѓани се пробуди желбата да вдомат некое од кучињата скитници, врз кои претходно е извршен ветеринарен третман. Инаку во општината планираат со помош на грант, да изградат прифатен центар каде што ќе бидат згрижени овие кучиња и каде заинтересираните граѓани ќе можат да си одберат свое милениче.

-По оваа акција за третман на кучињата-скитници, повеќемина граѓани изразија желба да вдомат некое од овие кучиња и во моментов дваесетина од нив веќе се наоѓаат во домови на граѓаните. Бидејќи третманот на секое куче општината ја чини околу 300 евра, ќе мораме да вложиме дополнителни парични средства за целосно завршување на оваа акција, за која со сигурност не можеме да тврдиме до кога ќе трае, бидејќи се работи за долг транспорт до Куманово, а и приливот на нови кучиња-скитници во градот е сеуште присутен. Во акцијата за контрола на дотур на нови кучиња во нашиот град вклучена е и полицијата и очекуваме оваа организирана акција наскоро да ги даде првите резултати. Инаку ние како општина планираме да изградиме прифатен центар за кучињата скитници, но поради немање доволно парични средства овој проект очекуваме во блиска иднина да се реализира со помош на странска донација – додаде Петкоска.

З.А.