Годинава бербата на висококвалитетните вински сорти на грозје како што се „шардоне“, „темјаника“, „траминец“, „црн бургундец“ и „мускат отонел“ во Тиквешијата стартуваше десет дена порано, споредено со минатите години, јавуваат од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Кавадарци.
Како резултат на теренските испитувања што секојдневно ги прават советниците од агенцијата и мерењето на шеќерноста кај висококвалитетните вински сорти утврдено е дека бербата и откупот може да стартуваат.
Засега има интерес за овие сорти на винско грозје, а откупувачите нудат повисоки
откупни цени, како на пример, за сортата „шардоне“ 23-24 денари за килограм, а се очекува „темјаниката“ да достигне откупна цена од 30 до 35 денари за килограм бидејќи има голема побарувачка.
– Оваа година може да се каже дека беше исклучително тешка за лозарите, бидејќи
заради честите врнежи регистрирана е појава на пламеницата која воглавно предизвика од 20 до 30 отсто намалување на годинашниов род. Имаме лозови насади особено во реоните на селата Сопот, Марена, Куријата и Возарци каде имаме 100 отсто уништување на родот, а генерално годинава лозарите беа принудени да спроведат едно до две вонредни третирања на лозовите насади што ја зголеми производната цена на грозјето. Моментната проценка на квалитетот на винските висококвалитетни сорти е добра и на едно просечно ниво. Заради намалувањето на родот лозарите годинава очекуваат дека ќе добијат повисока откупна цена – вели Драганчо Николов, советник во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Кавадарци.
Според Николов досега се регистрирани откупувачи од Србија, Босна и Херцеховина и Црна Гора кои се спремни да плата и повеќе за овие сорти на грозје од кои се бара килограм повеќе. Што се однесува до трпезните сорти на грозје може да се каже дека привршува бербата на сортите „кардинал“ и „викторија“ и од понеделник се очекува да стартува бербата на сортата „мишел палиери“. За разлика од минатата година годинава производителите на трпезните сорти „кардинал“ и „викторија“ добија пониски откупни цени кои се движеа од 20 до 25 денари за килограм во зависност од квалитетот. Ми.М.