ПРИЛЕП

Со изградбата на целосно новата улица Кеј 1 Мај, Општина Прилеп ги започна градежните активности за подобрување на патната инфраструктура на територијата на целата општина.
– Должината на новата улица изнесува 650 метри, која опфаќа и изградба на кејски ѕид во должина од 170 метри. Истовремено, започнаа работите и на улицата Целе Мавроски, чија должина е околу 320 метра, а следува изградбата и на Цане Илиески и Трајко Николоски. Ова се четирите улици што ќе бидат комплетно изградени, со целата потребна инфраструктура. Потоа, следува реконструкција на голем број улици во градот и населените места – вели градоначалникот Илија Јованоски.
Според најавите од Општината, ќе бидат реконструирани улици во вкупна површина од 22.000 квадратни метри, што опфаќа нивно тампонирање и асфалтирање, како и реконструкција, односно гребење и асфалтирање улици на површина од 18.000 квадратни метри. Течат активностите за поставување бекатон-плочки на тротоари на површина од 5.500 квадратни метри. Во моментов веќе се работи на уредување на тротоарите на улицата Тризла, а ќе се изврши нивелирање на 160 шахти низ улиците во градот.
Со реализација на сите планирани градежни активности за реконструкција на улици и патишта, значително, велат од Општината, ќе се подобри патната инфраструктура на целата територија на Прилеп.