По домесечна пауза повторно започнаа со работа и обложувачниците во земјава, што со задоволство беше примено од страна на пасионираните играчи кои ги има во голем број во сите градови, па и во Кичево.
И покрај навремената информираност на играчите за почетокот со работа на обложувачниците, сепак во првите неколку дена во нешто помал број му се вратија на своето омилено хоби.
– По два месеца повторно започнавме со работа, но поради коронавирусот и мерките на Владата условите за работа и за играчите се нешто поинакви. Така, уплата може да врши секој полнолетен граѓанин кој задолжително носи со себе заштитна маска и, во зависност од квадратурата на обложувачницата, дозволен е бројот на играчи кои можат во ист момент да уплатуваат, да разгледуваат билтен или да бираат парови за уплата. Засега подолготрајно задржување не е дозволено, екраните со спортски преноси се исклучени а не работат и апаратите на лотарија – велат вработените во една обложувачница во Кичево.
И покрај недоволниот одзив на играчите, сепак вработените во повеќето обложувачници очекуваат нивниот број да се зголеми со зголемувањето на фудбалските и други првенства, како и поединечните спортови во Европа и светот.
– Иако на почеток одзивот на играчите е релативно мал, но од разговор со играчите, тие велат дека сиромашната понуда на парови и спортови кои се активни сѐ уште е мал. Сепак веќе стартуваше Бундес-лигата а во најава се и други првенства во Европа, потоа ќе започнат и натпреварите во кошарка, тенис и останатите спортови, што секако ќе придонесе редовните играчи во обложувалниците да се вратат во што поголем број – додаваат од друга обложувачница во средиштето на Кичево.
Се добива впечаток како играчите да се загреваат за она што допрва претстои и тоа се случува пред секој почеток на првенствата во најпопуларните спортови.