Пожарот кој вчера избувна во близина на село Кладник и кој во меѓувреме беше изгаснат, во текот на денешниот ден се реактивира и покрај тоа што екипи од ШС „Лопушник“ вложуваат очајнички напори да спречат негово натамошно ширење и дополнителни штети.
-Во текот на вчерашниот ден избувна пожар во близина на село Кладник. Со огнената стихија зафатена е површина на која пред неколку години е извршена целосна сеча и сега на истата локација гори ниско стеблеста шума која во меѓувреме пораснала на истиот потег. На огнената стихија се делува од две страни а гасењето го вршат специјализирани екипи за пожари од Подружницата на ШС „Лопушник“ Кичево. Гасењето на пожарот е отежнато од причина што се работи за тешко пристапен терен, каде е невозможно да се стаса со возило и затоа огнената стихија моментално се гаси со мешини и соодветен алат, со кој се опремени екипите на шумското стопанство. Покрај „Лопушник“ во гасењето на пожарот се вклучени и десетина доброволци од манастирот „Света Пречиста Богородица-Кичевска“ и жители од блиските села Србјани и Манастирско Доленци – информираа од РЦУК Кичево.
Бидејќи авионите на ДЗС се во ремонт, истите не можат да бидат вклучени во гаснењето на пожарот од воздух. Засега не е во опасност манастирот „Света Пречиста“, а од Битола најавена е помош на екипи за гасење на пожари.
Како и многу пати досега, и овој пат причина за пожарот е човечкиот фактор.
З.А.