Неготино

Околу 700 метри кубни смет беа собрани деновиве од дивата депонија во близината на армискиот полигон Криволак, активност за расчистување, која е дел од програмата за заштита на животната средина на општината Неготино. Изведувач на работите беше фирмата „Ас машини“, чии работници ги кренаа сметот и шутот од околу 700 метри кубни од дивата депонија и ги дислоцираа на градската депонија „Бучето“, во близината на селото Дуброво. Средствата за расчистување на дивата депонија се обезбедени од буџетот на општината Неготино, а и за тековнава година се предвидени финансии за продолжување со активностите. Од локалната самоуправа апелираат до месното население од Криволак, но и до сите граѓани на општината Неготино, сметот и шутот да го исфрлаат само на градската депонија. Комуналните редари секојдневно се присутни на терен и секој што ќе биде регистриран да фрла смет и шут на несоодветни места, за тоа ќе биде казнет во согласност со законските прописи.