Проодни се патиштата до речиси сите населени места во охридско-струшкиот регион. Снежната покривка во Охрид е 33 сантиметри, а околу 35 сантиметри е и во Струга, информира раководителот на Центарот за управување со криви – Охрид, Митко Темелковски.
Како што посочи Темелковски целосно е третирана локалната патна мрежа на територија на општина Охрид и немаат дојава од граѓани за непроодни патишта или други проблеми. Во Струшко пак, завеани се населените места во регионот на Малесија, кои се скоро без жители.
-Патниот правец до селата Присовјани, кое е дел од областа Малесија е прооден и во текот на денот повторно ќе се врши негово третирање. Другите локални патни правци до високопланинските места се проодни во лоши зимски услови и со теренски возила, истакна Темелковски.
Согласно оперативниот план на општината се постапува и во Дебарца, каде во моментот се работи на расчистување на патот до трите највисоки ридско-планиснки села Црвена Вода, Турија и Мрамор.
Екипите на Центарот за управување со кризи – Охрид, според раководителот, се подготвени да одговорат на потребите доколку има барање од општините.
-Во овој момент локалните самоуправи целосно ја исполнуваат својата задача и немаат побарано помош од републичките сили. Доколку има потреба најпрво ќе интервенира Дирекцијата за заштита и спасување, а во премногу серизона состојба и ЦУК, рече Темелковски.
Во охридско – струшкиот регион снегот непрекинато паѓа веќе втор ден, а сообраќајот се одвива во отежнати зимски услови.