Светскиот ден на музеите 18 Мај и Европската ноќ на музеите ќе бидат одбележани во
Музеј-галерија Кавадарци со промоција на проектот „Че биде“ на Игор Јосифов, што воедно преставува и прво преставување на проектот во Македонија.
За кавадаречката културна јавност овој настан преставува можност премиерно да се види проектот на нивниот сограѓанин Игор Јосифов, успешен мултимедијален уметник повеќе познат надвор од државата. Тој доаѓа во Кавадарци веднаш по светскта премиера во рамките на петтото биенале во палатата Мора во Венеција.
Во рамките на овој настан премиера ќе доживее и новиот филм на наградуваниот кинематограф Самир Љума, „Че биде вистина“, кој е базиран врз животот и креативниот процес на Игор Јосифов тесно поврзани со приказната која се одвивала на биеналето во Венеција.
Проектот „Че биде“ е посветен на авторските права на уметникот. Ќе бидат претставени клучните дела кои се симболично поврзани со темата вклучувајќи го делото „Нелсон Мендела“ што Јосифов успеа да го врати од федералната полиција на Париз.
По долгата правна битка, огнената рефлексија на ова дело за првпат беше изложена на биеналето во Венеција, а сега и во Кавадарци.
Музеј–галеријата во Кавадарци по повод овие настани кои ќе се одржат утре со почеток во 20 часот, ќе ги отвори своите врати во вечерните часови за посетителите исто како и илјадници музеи во Европа, со што ќе се вклучи во одбележувањето на Европската ноќ на музеите.
Игор Јосифов е познат по разновидноста на неговите мултимедијални дела. Како уметник тој се базира на сите видови на медиуми за да ги создаде своите изведби. Ликовната критика го карактеризира како млад уметник кој поседува талент и уникатност.