КИЧЕВО

 

По неколкуте екстремно сиромашни години речиси без приноси на мед, кога пчеларите во земјава бележеа големи загуби во работењето, минатата година приносите на мед беа најдобри. Очекувањата беа дека и годинава ќе се повторат ланските приноси или можеби ќе бидат и подобри.
Но кога дојде периодот да се провери состојбата во пчеларниците, сопствениците на пчелни сандаци наидоа на помали количества мед од планираното и далеку зад количествата што беа собрани минатата година. Причини за ова има повеќе, а како најважни се сушата во поголемиот дел од летото и периодот на ниски температури во дел од јули.
– Очекувавме дека топлата зима и убавата пролет ќе овозможат и годинава да имаме подобри приноси од пчелите и, ако ништо повеќе, да ги подобриме приходите, бидејќи последната деценија повеќе вложувавме во пчелните семејства. Но периодот од десетина дена во текот на јули придонесе, поради ниските температури, пчелите наместо да продолжат со собирање нектар и правење мед, тие да не излегуваат и да ги користат резервите мед што самите го создале во претходниот период. Ако немавме студени ноќи и денови, приносот ќе беше подобар – вели Коста Галиманоски, претседател на земјоделското здружение „Виножито“.

Љубе Михајлоски, пчелар од Копачијата, вели дека според развојот на временската ситуација во текот на зимата и пролетта, очекувањата биле да имаат добри приноси на мед.
– Сушата во текот на летото и подолгите периоди на ниски ноќни температури беа клучните фактори поради кои количествата мед во сандаците драстично се намалија – рече Михајлоски.
Слични резултати годинава остварија и пчеларите од сите региони во Кичевско и Порече, иако некои од пчеларите практикуваа селечко пчеларство и сандаците ги лоцираа на места каде што е во полн ек цветањето на одредени култури и овошки. Кај овие пчелари количествата мед се нешто повисоки, но далеку од посакуваното. Малите приноси се причината поради која годинешната цена за тегла мед е повисока за 100-200 денари, а тоа предизвика на пазарот да се појави мед со сомнителен квалитет, кој според својот состав е далеку од квалитетот на вистинскиот мед.