ПРИЛЕП

Економскиот факултет во Прилеп одбележува значаен јубилеј, 60 години од неговото основање. Шестдецениското успешно функционирање на Факултетот претставува потврда за неговиот институционален капацитет да едуцира и профилира кадри, кои своите професионални компетенции и знаења ги вградуваат во напредокот на земјата и придонесуваат за нејзиниот економски и општествен развој.
Деканката д-р Драгица Оџаклиоска вели дека факултетот е значаен за стопанството и традиционално остварува перманентна и интензивна соработка со компаниите.
– Ваквата соработка е особено значајна во контекст на стекнување емпириски искуства и вештини на студентите и трансфер на нивните теоретските знаења во практиката. Таа се реализира преку понуда на консултантски и експертски услуги на деловните субјекти, спроведување заеднички научноистражувачки проекти, креирање на студиските програми на сите три циклуси на студии според потребите на бизнис-заедницата, организирање стручни предавања од страна на претставници од бизнис-секторот, реализирање практична работа на студентите – вели деканката Оџаклиоска.
По повод јубилејот, е изработен проектот „Влијанието на ковид-19 пандемијата врз малите и микробизнисите во старата прилепска чаршија“, организиран е натпревар меѓу студентите за избор на најдобар есеј на темата „Европската перспектива и предизвиците на младите дипломирани економисти во современата циркуларна економија“, доделена е награда за најдобриот студент, а организирана е и изложба на фотографии што одбележуваат значајни настани од шестдецениската историја на факултетот.

Најновото истражување „Влијанието на ковид-19 пандемијата врз малите и микробизниси во старата прилепска чаршија“, е особено значајно за покажување за степенот на влијание што пандемијата го имаше во одделните сектори од економијата.
– Многу од компаниите се приспособија на новонастанатите услови и во рамките на своите можности организираа онлајн маркетинг, како и онлајн продажба, што за повеќето од малите и микробизниси ова е невозможна операција поради немање технички и финансиски средства, како и немање соодветно познавање за нивно користење. Од аспект на намалениот број занаетчии, особено од одредени занаетчиски занимања, се наметнува потребата за брза реакција на образовање нови кадри, што во формалниот што во неформалниот систем на образование, а од друга страна, сите можности за учење или стекнување вештини преку практично искуство станаа невозможни за реализација поради владините ограничувања.

Имајќи го предвид фактот дека не само ние, туку и глобално се соочуваме со предизвиците наметнати од ковид-кризата и непредвидливоста на нејзиното времетраење, пред сите нас се наметнува потребата од зголемена меѓусебна соработка и помош за наоѓање решенија за опстанок и ако е можен посакуван развој во сите области. Па се надевам дека преку вакви проекти ќе влијаеме врз јавната мисла и анализите и резултатите ќе бидат имплементирани во наредните мерки што би ги презела нашата влада за колку што е можно повеќе да ги неутрализираме негативните ефекти од ковид-пандемијата – велат д-р Илија Христоски, д-р Татјана Спасеска, д-р Драгица Оџаклиеска и д-р Коста Сотироски од проектниот тим експерти од факултетот.
На Економскиот факултет во Прилеп во изминатиот шестдецениски период дипломирале 7.385 студенти, магистрирале 448 студенти и докторирале 87 студенти, кои се носители на развојот на нашата држава, регионот и на Европа.