Кичево
Градежните зафати за санацијата на градските улици во Кичево, кои се во полн ек речиси еден месец, привршуваат и до крајот на оваа седмица може да се очекува целосно да финишираат. Со реконструкција на градските улици, учесниците во сообраќајот ќе бидат побезбедни и повеќе не ќе мора да се грижат дeка во текот на возењето ќе наидат на ударни дупки создадени на асфалтот. Санацијата на градските сообраќајници навистина беше неопходна со оглед на тоа што многу од нив беа оштетени. Длабоките дупки во асфалтот на одделни сообраќајници беа постојана закана, како за безбедноста на возачите така и за нивните возила.
– Редовната санација на кичевските улици е при самиот крај и наскоро може да очекуваме целосно завршување на работите. Сите ударни дупки, нерамнини и пукнатини на асфалтот ќе бидат санирани и нашиот град ќе може да се пофали дека градската инфраструктура комплетно е во добра кондиција, дури и сите помали улици и сокаци ќе бидат санирани, без да се става приоритет само на главните сообраќајници во градот. По завршувањето на оваа операција во градот, ќе продолжиме со поправка на улиците во руралните средини и на патиштата што водат до нив. Целокупниот зафат за оваа календарска година очекуваме да заврши за две до три недели. Средствата за оваа намена ги обезбеди ЕЛС-Кичево од сопствениот буџет, а целокупниот зафат ќе го изведе компанијата „Еуроинвест“ од Кичево – информираа од Општина Кичево.
Граѓаните се презадоволни што во Кичево последните неколку години улиците редовно се одржуваат и се крпат, што е од приоритетна важност за нормално одвивање на сообраќајот.
– Само пофални зборови за Општината за она што го прави на градските улици. Веќе неколку години дупки и нерамнини на градските улици речиси и да нема, а тоа е сѐ по заслуга на ЕЛС-Кичево, која води голема грижа улиците во градот секогаш да бидат во добра состојба – вели Љубиша В., жител на Кичево.
Средствата предвидени за санација на улиците се при крај и за довршување на овој зафат во руралните средини треба да се распише нов тендер – додаваат од компанијата изведувач на работите.