Традиционално пред почетокот на зимската сезона, екипа на вработени од ПО на РЦУК Кичево и претставници на Здравствениот дом Кичево, извршија посета на повеќе на ридско-планинските села во Кичевско, за да утврдат каква е подготвеноста на жителите од овие села за претстојниот зимски период, особено при евентуални интензивни снежни врнежи што би предизвикало прекин во одвивањето на патниот сообраќај.
– Вообичаено пред секоја зимска сезона РЦУК Кичево практикува да ги посети селата во нашиот регион, за да го запознае населението со потребите редовно да биде снабдено со доволни количества храна и лекови, како и храна за добитокот и живината што ја поседува. Годинешната кампања ја започнавме со посета на селата Тајмиште, Мидинци и Кнежино и на жителите од овие села им укажавме за значењето и потребата на бесплатниот број за итни повици 195, во случај на подолготрајна изолираност во услови на високи снежни врнежи. Исто така, при оваа кампања, посетата беше искористена и за утврдување на можноста за поставување на радиостаници од УКБ радио-системот за известување на подрачното одделение, со оглед на искуствата од претходните години, кога при обилни врнежи од снег, одредени населени места остануваа без електрично напојување. Во рамките на овие посети екипа на Здравствениот дом Кичево изврши преглед на повеќето постари жители на овие села, при што им беа измерени притисокот, шеќерот во крвта и холестеролот – истакна Сузана Тасеска раководите на ПО РЦУК Кичево.
Овие посети ќе продолжат и во текот на овој месец со посета и на други рурални средини пред се во ридско-планинските подрачја. З.А.