Прилеп

Во прилепско Канатларци и во општината Долнени почна садењето на тутунот. Според информациите од ПЕ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, садењето на тутунот се очекува да заврши на почетокот на јуни. Годинава со тутун е планирано да се засадат 7.500 хектари, односно 500 хектари повеќе од лани.
– Зголемената заинтересираност се должи на брзата исплата на парите за откупениот тутун, како и на редовната исплата на субвенциите за тутун од 80, 70 и 60 денари по класа – вели Зоран Пачешкоски, раководител на ПЕ на Министерството за земјоделство во Прилеп.

Некои од тутунарите со кои контактиравме велат дека малку подоцна ќе почнат со садење тутун, затоа што имале мали проблеми со расадот.
– Малку подоцна ќе стигне расадот, па ќе садиме кон крајот на мај. Променливото време придонесе подоцна да „стаса“ расадот за корнење и покрај постојаната прихрана – појаснуваат некои прилепски тутунопроизводители.

Од Сојузот на тутунарите велат дека годинава откупувачите имале потпишано помалку договори со тутунарите и дека сѐ што ќе биде вишок тешко дека ќе биде откупено. Но очекуваат повисоки цени за произведениот тутун.

– Веќе предлагаме зголемени цени за околу 10 проценти. Наедно, бараме пред откупот да се смени и правилникот за откуп на тутун, односно процената да се врши во три класи – вели Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на тутунари.