Во рамките на проектот „Иновациите во функција на унапредување на земјоделството во Пелагонискиот регион“, Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион постави агрометеоролошки станици со софтвер за земјоделски култури. На територијата на општина Прилеп, поставени се две агрометеоролошки станици, и тоа во населените места Галичани и Канатларци.
Агрометеоролошката станица МЕТЕОБОТ има сензори за мерење на температурата и влажноста на воздухот, воздушниот притисок, брзината на ветерот, количеството на врнежи, соларната радијација, влажноста на лист и сензор за мерење на температурата на почвата.
Станиците се целосно автоматизирани, што значи дека корисникот нема да оди до станицата за да ги прочита податоците, туку тоа ќе може да го направи преку компјутерска и мобилна апликација. Измерените податоци станиците ги собираат на секои 10 минути и преку ГПРС ги испраќаат до сервер, каде тие се преработуваат и се препраќаат до компјутерската и мобилната апликација.
Преку ден, електричната енергија за работа станицата ја добива преку соларен панел, а во текот на ноќта работи на акумулаторска батерија.
Агрометеоролошките станици се поставени во консултација со подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Прилеп. Ка.М.