Кочани

Во ова време на пандемија и изолација, домот не е безбедно место за сите. Службите за еднакви можности на жените и на мажите во Општина Кочани ги лоцираа зголемените ризици за жртвите на семејно насилство во услови на подолга изолација, па оттаму на последната седница на Општинскиот кризен штаб во Кочани иницирана е идејата за давање соодветна помош на овие лица на телефонска СОС-линија.
Телефонскиот број 072 243 782 е број за поддршка на жртвите на семејно односно родово базирано насилство за жителите од Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево. Надлежните велат дека можноста за помош и заштита на жртвите на семејно насилство ја воведе Министерството за труд и социјална политика, во координација со Центарот за жени жртви на семејно насилство и јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Кочани и со другите институции на локално ниво.

– Според насоките на надлежните, жртвите на семејно насилство за да добијат помош, поддршка и заштита најпрвин треба да се јават на бесплатната мобилна СОС-линија, која обезбедува точна, навремена и доверлива информација за заштита на жртвите, достапните услуги и телефонско советување на жртвите на родово базирано и семејно насилство. Во случаи кога постои загрозување на животот и здравјето на граѓаните, како последица на семејно насилство, тоа треба да се пријави во најблиската полициска станица или во надлежниот центар за социјална работа, независно дали е полициски час – советуваат од локалната самоуправа.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, вели дека Општината силно работи на родовата еднаквост и овој СОС-телефон е само уште една поддршка за оние што се жртви на семејно насилство во своите домови, да имаат каде да побараат помош.
– Со оглед на состојбата во која се наоѓаме со оваа пандемија и со препораките луѓето да седат во своите домови, се наметна потребата да им се помогне на оние што трпат семејно насилство, а молчат за тоа и не знаат каде да се обратат. Празничниот долг викенд што помина покажа дека има такви лица, а тимовите што одат во домашни посети и им помагаат на луѓето ни ги пренесуваат информациите од терен.

Ние како општина и како кризен штаб во соработка со службите од Центарот за социјална работа решивме да отвориме ваква СОС-линија, за сите што имаат потреба да побараат каква било помош или засолниште. Телефонската линија профункционира од вторникот, веднаш по велигденските празници – објасни Илијев.
Во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Кочани велат дека и покрај тоа што периодов луѓето повеќе се затворени во своите домови, не се бележи значително некаков подем на семејното насилство во однос на минатата година.

– Сите случаи што се пријавуваат во врска со семејно насилство се процесираат и се решаваат во предвидените работни рокови. Во никој случај не се оставаат да се решаваат подоцна, бидејќи се работи за суптилна проблематика. Сакаме да им излеземе во пресрет на сите оние што имаат каков било проблем и сме во постојана комуникација и координација со Министерството за внатрешни работи.

Сакам да истакнам дека службите за социјална работа ќе работат со странките што имаат ваков проблем. Во време на пандемија не се бележи некаков статистички подем на семејното насилство, туку е на нивото на кое било и претходната година во овој период. Центарот за социјални работи исто така има и службен телефон, кој е регистриран во Министерството за труд и социјална политика и на официјалната веб-страница на министерството на тој телефон можат да се пријавуваат семејните насилства.

Тој е достапен и за координација со МВР, 072 243782, ни рече Кирил Ковачев, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Кочани.