Фото: Васка М. Младеновска

Во ОУ „Св. Климент Охридски” во Битола денеска амбасадорката на Јапонија во Република Македонија, Кеико Ханеда, изврши увид во донацијата од оваа амбасада, за поставување на дограма во училиштето.

Во рамките на проектот „Рехабилитација на училиштето “Св. Климент Охридски- Битола” се промени внатрешната дограма во сите училници и во наставничките кабинети.

-Со тоа се подобрија условите за учениците во реализацијата на наставата и во голем дел се подобри енергетската ефикасност во училиштето. Голема благодарност до амбасадата на Јапонија за донацијата во нашето училиште- истакна директорката на ОУ “Св. Климент Охридски” од Битола, Гордана Анастасова.

Јапонската амбасадорка истакна дека соработката со Општина Битола има долга традиција и дека истата ќе продолжи.

-Народот на Јапонија е среќен кога ги гледа насмевките на учениците во ова битолско училиште. Нашите две земји оваа година ќе ја прослават 25. годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи и во ноември ќе се одржува Јапонски филмски фестивал во Битола. Јапонската соработка со Општина Битола има долга историја. Уште кон крајот на деведесеттите години, Јапонија донираше медицинска опрема во Клиничката болница во Битола- истакна амбасадорката на Јапонија во Република Македонија, Кеико Ханеда.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска истакна дека од големо значење се сите видови на поддршка во образовните институции во градот, бидејќи само така се подигнува квалитетот во општеството.

-Голема благодарност до амбасадата на Јапонија во Република Македонија, и амбасадорката Кеико Ханеда кои во изминатиот период покажаа сериозна поддршка за Општина Битола. Длабоко сум убедена дека ваквата пријателски подадена рака и во иднина ќе ја чувствуваме- истакна градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Инаку, во Република Македонија со донации од Јапонија се обновени вкупно 66 училишта.

М.М.