Езерото, скарите, летниковците и комплетното природно опкружување овозможуваат вистинско уживање за посетителите

Градско

Општина Градско почна со реализација на проектот за модернизирање на туристичкиот комплекс „Езеро Подлес“. За таа цел покрај постојните летниковци на Подлешко Езеро се поставени шест бетонски скари. Езерото, летниковците и скарите ќе им овозможат комплетно уживање на посетителите. Модернизацијата на местото ќе придонесе тоа да стане модерен туристички комплекс. Езерото Подлес се наоѓа на планината Клепа, оддалечено е околу 14 километри од Градско.

– Следува втората фаза, поставување на 10 соларни ламби, кои ќе им овозможат на туристите и добронамерниците да уживаат во чистиот воздух и во вечерните часови. Исто така, ќе бидат поставени три контејнери помеѓу летниковците за да се обезбеди поголема заштита на животната средина. Ќе се постават и мапи за планинарските водичи и за учесниците на планинарскиот марш Сирково – Клепа, а ќе се обезбеди и набавка на црево за водоснабдување во селото Грнчиште – објаснуваат надлежните од локалната самоуправа на Градско.

Општина Градско како дел од локална акциска група Вардар Леадер – Градско го имплементира овој проект со сопствени и со средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година од АФПЗРР – подобрување на условите на жителите во руралните средини, но и развој на руралниот туризам.