Пехчево
По појавувањето на првиот случај на инфициран граѓанин од коронавирусот во Општина Пехчево, кризниот штаб за заштита и спасување донесе низа заклучоци и мерки за заштита. Врз основа на епидемиолошките мислења и реалната состојба на теренот, одлучено е Општината да го стави на располагање Туристичкиот центар за тестирање на граѓаните и Здравствениот дом да работи непречено. Оваа установа има набавено опрема за медицинските лица, и тоа 20 скафандери, 10 визири, во моментот има 2.400 маски и 3.000 пара ракавици. Во Здравствениот дом е одредена просторија за изолација на заболените од ковид-19. Сите лица што биле во контакт со инфицираното лице, за понатамошни инструкции и совети треба да се јават на телефонот 071 244-472 и да останат во самоизолација.
Надлежните информираат дека здравствените лица што биле во контакт со инфицираното лице веднаш се ставени во изолација, а во еден од заклучоците стои да се побараат дополнителни тестови за дел од персоналот. Побарано е да се вложат напори да се направи тест за ковид-19 на поголем број од населението во Пехчево. Во оваа состојба општината ќе продолжи со дезинфекција на улиците, маркетите, влезовите на зградите и сите јавни површини и во наредниот период. Од населението се бара да се воздржи од масовни групирања, собири и прослави. Според епидемиологот Сузана Каракшова, заболениот е во добра здравствена состојба, а сите членови од неговото семејство се во изолација и ќе бидат тестирани.
– Да ја издигнеме свеста, прво за сопственото, па потоа и за јавното здравје. Заштитувајќи се себеси, ги заштитуваме луѓето околу нас, следете ги препораките, останете безбедни, останете дома – гласи пораката од општинскиот кризен штаб во Пехчево.
Од оние граѓани што ќе ги посетуваат маркетите, аптеките, банките, поштите и другите објекти што даваат услуги, се бара да го запазуваат минималното потребното растојание од два метри, а особено се нагласува важноста од почитувањето на физичкото дистанцирање. Се бара да се следат насоките за спречување на ширењето на коронавирусот и редовно да се одржува личната и општата хигиена.
– Познато е дека во Пехчево се појави првиот случај на инфициран наш сограѓанин од ковид-19, затоа јас, како градоначалник и командант на кризниот штаб, во името на сите членови и во името на сите граѓани му посакувам што побрзо оздравување и упатувам апел да не се шири паника помеѓу луѓето. Да се однесуваме смирено и разумно и да се почитуваат мерките донесени од Владата – порачува градоначалникот на Општина Пехчево, Драган Тренчоски.
Инаку, во Пехчево се направени вкупно четири тестирања за ковид-19, од кои три се негативни, а еден позитивен.