Најдобрите 17 ученици, од средните училишта во Битола, кои минатата учебна година, постигнаа најдобри резултати на државните натпревари по повеќе наставни предмети, меѓу кои: микробиологија, физика, географија, латински јазик, математика, информатика и други стручни предмети, денес од градоначалничката на општина Битола беа наградени по 50 евра.

Наградата претставува поддршка и поттик за учениците за нови големи резултати, но и мотив сите други ученици да го следат нивниот пример. Поддршката на талентираните и трудољубиви ученици од градоначалничката на општина Битола, доаѓа еден ден пред одбележувањето на Денот на независноста на Република Македонија, а претставува дополнителна стимулација и поддршка за младите луѓе во општината, која локалната самоуправа ќе продолжи да ја практикува и во следниот период.

-Се наоѓаме на почеток од новата школска година и се наоѓаме, точно пред празникот 8 септември. Двата поводи, се доволна причина, во оваа прилика, од ставката разни трансфери, за која што во минатиот период, честопати зборувавме каде одат средствата, од програмата на градоначалник, да бидат доделени по 3.000 денари на секој ученик од средните училишта во Општина Битола, кои имаат освоено награда прво место на државните натпревари, како поддршка за нивните успеси во изминатата школска година, а како мотив да продолжат на тој начин и мотив повеќе и за останатите ученици, да нижат успеси и да стекнуваат повисоки знаења”, изјави градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска.

M.M.