Противпожарната единица во Битола има вкупно 22 професионални пожарникари, што е недоволно за општината, која според големината би требало да има најмалку 71 пожарникар, бидејќи според Законот за пожарникари, на секои 1.500 жители треба да има по еден професионален пожарникар
Случајот со пожарот што пред неколку дена ги зафати трите куќи на битолски Баир и немилите настани што се случија кога пожарникарите од страна на жителите на тој дел од Битола беа навредувани и попречувани за време на гаснењето на пожарот, на најдиректен начин ги исфрли на површина состојбите и проблемите со кои се соочува битолската противпожарна единица.
Сметајќи дека пожарникарите задоцниле со интервенцијата и на местото каде што гореа трите куќи дошле без доволно количество вода, жителите од тој дел на Битола си зедоа слобода не само да ги навредуваат битолските пожарникари, туку и да ги спречуваат да интервенираат во локализирањето на пожарот. Таквиот начин на однесување на жителите од Баир беше причина повеќе едната куќа речиси целосно да изгори, а другите две да претрпат големи оштетувања од пламените јазици што ги зафатија сите три куќи, откако еден од жителите, наводно, му ја запалил куќата на својот роден брат.
Неколку дена по немилиот настан со првиот човек на противпожарната единица на Битола, Костадин Поповски, разговаравме за состојбата во која се наоѓа битолската противпожарна единица.
– Искрен да бидам, тоа не беше првпат при гаснење пожар да бидеме навредувани, омаловажувани, па дури и спречувани да интервенираме од страна на дел од граѓани на Битола. Тоа, би рекол, се „редовни“ појави што ги доживуваме и на кои веќе станавме имуни. Но тоа што се случуваше при интервенцијата во гаснењето на пожарот на трите куќи на Баир никако не можам да си го објаснам. И сега не ми е јасно зошто граѓаните од тој дел на Битола така се однесуваа кон пожарникарите, кои отидоа со намера да го изгаснат пожарот што тие го предизвикаа и пријавија – вели Поповски.
Тој не крие дека состојбите во противпожарната единица во Битола, која има вкупно 22 професионални пожарникари, не се идеални и дека се наметнува потребата од поголема опременост, но и обука и ангажирање нови професионални пожарникари.
– Ние како противпожарна единица имаме вкупно 22 професионални пожарникари, што е недоволно за општина како што е Битола, која според големината, би требало да има најмалку 71 пожарникар, бидејќи според Законот за пожарникари, на секои 1.500 жители треба да има по еден професионален пожарникар – објаснува Поповски.
Слична е состојбата, како што вели, е и во другите градови во државата, каде што според некои процени, во моментот недостигаат најмалку 450 професионални пожарникари.
Тоа што посебно ги погодува вработените во единицата се слабата опременост и застарениот возен парк. Така, ППЕ-Битола има на располагање 15 специјализирани возила, од кои само 8 се функционални, додека другите се практично неупотребливи. За тоа каква е грижата за работата на противпожарната единица во Битола најдобро зборува фактот дека градот, под чија надлежност е единицата, со децении нема издвоено пари за купување ново противпожарно возило и дека возниот парк е „обновен“ исклучиво со донацијата од две возила од градот Епинал, од Република Франција, со кој Битола е збратимена.
Покрај состојбите со опременоста на единицата, тоа што загрижува е што во последно време поради мерките за кратење на средствата и наводно штедење, веќе неколку години не функционира доброволното противпожарно друштво „Пегаз“, преку кое на разни кампови се обучуваа над стотина доброволни пожарникари, кои при секоја поголема интервенција се вклучуваа во гаснењето на пожарите.
– Ние на пожарникарите се сеќаваме само кога ќе се случи пожарот. Во другите периоди нас едноставно нѐ забораваат. Тоа што ме плаши е што и граѓаните само кога ќе им се случи пожар размислуваат за превентивното дејствување. Во другиот период едноставно ништо не ги интересира и напротив прават сѐ или да го украдат или да го онеспособат секој апарат или инструмент што е наменет за гаснење пожари. Затоа денес во Битола практично нема ни еден влез во станбените згради каде што можете да најдете противпожарни апарати, или црева за гаснење пожари – посочува Поповски.
За да се надминат ваквите состојби, деновиве Центарот за едукација и заштита од пожари „Пегаз ЕДУ“, кој доби акредитација од Министерството за образование и наука за реализирање на наставната програма за обука на професионални пожарникари, повторно ќе ги отвори вратите за обука на пожарникари. Во центарот се создаваат услови за обуки на професионални пожарникари, кои ќе имаат 400 часа обуки и сите пожарникари што ќе ја посетуваат обуката ќе стекнат сертификат, со кој ќе можат секаде да бидат професионално ангажирани.
Обуката ќе трае четири месеци, а ќе се одвива исклучиво во викендите. Според зборовите на раководителот на центарот, Сашо Атанасовски, наставата ќе ја изведуваат домашни и меѓународни инструктори.
– Тоа е европска програма, каква што посетуваат пожарникарите во сите земји од Европската Унија. За таа цел, покрај ангажирањето нови, врвни експерти од областа на пожарникарството, ние ќе ја продолжиме соработката и со нашите стари партнери од Франција, Шведска и од Велика Британија, чии искуства многу ќе ни користат во обуката на кандидатите за пожарникари – вели Атанасовски.