Горноѓоновичката пештера, наречена Убавица, се наоѓа во утробата на планината Буковиќ, на 15-от километар на стариот пат Гостивар – Кичево. Во пештерата има доста богат пештерски живот, но таа е недостапна за посетители. Од друга страна, пак, непроценливото богатство е цел на диви копачи, а локалната власт сѐ уште ништо не презема по двете прашања.
Откако е откриена пештерата ништо не е направено да биде достапна за посетителите, единствено што во изминатиот период се откриени уште околу 800 метри во должина, а спелеолозите веруваат дека има уште неистражени делови од неа. Исто така, пред една година се поставени скали со ракофат и низ ридот овозможуваат полесно и побезбедно да се искачат заинтересираните. Поставени се информативна табла и стреа со маса и клупи за одмор.
– Жалосно е што пештерата Убавица не е достапна за посетителите, а интересот е голем – ни вели нашиот соговорник Игне Анѓелкоски.
Но жителите на Горна Ѓоновица не губат надеж и очекуваат државата да оддели средства за уредување, за убавините да станат достапни за секој посетител, а со тоа да се поттикне развојот на туризмот, угостителството и на други дејности.
– Многупати кај локалните власти инсистиравме на влезот на пештерата да се постави железна врата, да се затвори влезот, со што ќе се заштити од дивите копачи и несовесните лица што ги уништуваат украсите создавани со милиони години, ги корнат и ги користат за украсување угостителски или други објекти. За жал, од локалните власти останаа само ветувањата. Во пештерата непроценливото природно богатство е оставено на милост и немилост – вели Атанас Димитриевски.
Нашите соговорници Анѓелковски и Димитриевски упатуваат апел до надлежните во централната и локалната власт да преземат нешто за заштита и популаризација на оваа пештера.
Инаку пештерата ја откри професорот д-р Душан Манаковиќ и ѝ го даде името Убавица. Истражувањата ги вршеше во август и септември, во периодот од 1962 до 1965 година, и во мај 1966 година. Резултатите ги објави во научниот труд „Пештерата Убавица“ (Голема пештера – Шпела Мозе) и го презентира на петтиот југословенски спелеолошки конгрес што се одржа во Скопје и во Охрид, од 15 до 20 септември 1968 година. Во интервју за весникот „Нова Македонија“, професорот Манаковиќ меѓу другото истакнува што го предизвикало на пештерата да ѝ го даде името Убавица.
– Со денови и ноќи ги анализирав фотографиите на галериите, фигурите, водопадот, рекичката итн. Притоа, моите очи постојано застануваа кај сталактитот, кој имаше облик на женска силуета. При секоја прошетка низ пештерата застанував и со минути очите не се тргаа од женската силуета, па најприродно беше пештерата да го добие името Убавица. И сѐ што се наоѓа во пештерата е од убаво поубаво, како град на паметници, предели „исковани со злато“ – вели во интервјуто, професорот Манаковиќ.
Во пештерата има доста богат пештерски живот, свет приспособен да живее во вечна темница, лилјаци и пештерски штурци.