Фото: Зоран Антоски

Во угостителски објект во Кичево денеска се одржа традиционалната средба помеѓу дијаспората од Кичево и кичевско и градоначалникот Фатмир Дехари. На оваа средба присуствуваше и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, кој во текот на оваа средба имаше и свое обраќање до присутните. Најпрво на многубројните присутни во салата, преку видео презентација, им се обрати првиот човек на кичевската администрација, Фатмир Дехари.

Фото: Зоран Антоски

-Како и во изминатите пет така и во шестата година од мојот мандат реализиравме огромен број на проекти, кои во тековната година се завршени, а со уште поголем интензитет ќе продолжиме и наредната календарска година. Сѐ што беше планирано за оваа година во целост е реализирано, со што општината покажа голем капацитет за реализација на планските задачи. Изградени се патишта до повеќе села и во самите села, како што се селата Строгомишта, Бачишта, Колари, регулирано е речното корито на реката во село Поповјани, изградени или завршени повеќе улици во градот, а во градба се два кружни текови, кои во првиот квартал од наредната година ќе бидат целосно завршени. Во наредната година ќе бидат финализирани и капиталните проекти кои се од исклучителна важност за нашата општина, како што е реализацијата на втората фаза од проектот за комплетирање на пречистителната станица во нашата општина, во што сме лидери во земјава, целосна реконструкција на Китиното Кале со голем број содржини, со што овој локалитет ќе биде вистински епицентар за разоноди на граѓаните и гостите, целосна реконструкција на улицата Борис Кидрич и многу други проекти – истакна во своето обраќање градоначалникот Фатмир Дехари.

Тој побара од печалбарите и тие да се вклучат со свои инвестиции за развој на општината, а еден од нив ќе се реализира во текот на наредната година а тоа е фабриката за вода во близина на Кичево.

Фото: Зоран Антоски

Претседателот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети, своето обраќање го посвети во најголем дел на перспективите на земјава со скорешен влез во НАТО и Европската Унија што ќе ѝ овозможи на Македонија да биде уште попривлечна дестинација за инвеститорите и да започне побрз економски развој.

На крајот на средбата, луѓето од дијапората изразија големо задоволство за транспарентноста и отчетноста на општината кон граѓаните кои живеат и работат во земјава и надвор од неа.

З.А.