Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

АНАЛИЗА: ИМ ПОМАГААТ ЛИ ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ НА ГРАЃАНИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА КРИЗАТА?

Ковид-пандемијата едноставно ги натера општините многу поактивно да работат и да ги користат можностите за доделување средства, како помош за сиромашни и болни граѓани, преку социјално-здравствените програми што ги донесуваат. Преку нив и досега доделуваа пари за лекување, за операции, но и за погребување на починатите, нешто што поради пандемијава во некои општини сега беше повеќе или помалку изразено. Покрај сите други ставки во ваквите програми, некои од општините, во зависност од големината на средствата определени за нив, дел издвојувале и за излегување во пресрет на потребите на семејствата за храна, додатоци во исхраната или за лекување на болните од ковид-19.

Шуто Оризари покрива трошоци за погреби

Не станува збор за тоа дали општините се сиромашни или богати. Во зависност од големината на своите буџети, исполнувајќи една хумана должност кон своите граѓани во зависност од можностите, секоја општина колку можела им излегувала во пресрет на потребите на своите финансиски немоќни граѓани. Скопската општина Шуто Оризари веќе неколку години ги покрива трошоците за погребување на сиромашните сограѓани, чии семејства немаат никакви приходи, а болните од ковид-19 ги помагала и со додатоци во исхраната.
– Преку програмата за социјално-здравствена заштита, годишно покриваме по десетина погреби на лица од социјално загрозени семејства, кои немаат никакви примања. Кај нас има многу сиромашни и постојано некој нешто бара. Имаме соработка со погребното претпријатие од Градските гробишта во Бутел и, според нивната процена, за основните потреби за да се направи еден погреб издвојуваме по 500 евра. Но ако на рака им ги дадеме овие средства, семејствата што немаат никакви приходи ќе ги потрошат, па затоа со некакво разбирање од погребното во Бутел, откако ќе ни ја испратат фактурата ние ја плаќаме. По една година Општината ја отстапува сопственоста на гробното место и го доделува на користење на семејството, кое понатаму треба да си ја плаќа годишната такса за одржување и потоа тоа има право во истиот гроб да погребува и други починати членови – објасни Данчо Арсов, од Општина Шуто Оризари.

Град Скопје годинава ќе даде 92 милиони денари

Ги прашавме и градските власти дали тие им доделиле средства на сиромашни семејства за погреб на починати или можеби некому за лекување или за операција и на колку граѓани, а оттаму ни одговорија дека Град Скопје секоја година носи годишна програма за активностите во областа на социјалната, детската и здравствената заштита.
– Со истата таа се дефинираат приоритетните области на програмата, конкретни активности за нејзина реализација, како и потребните финансиски средства. Приоритети на програмата за 2021 година се: остварување социјална заштита на лица со посебни потреби, на лица засегнати од злоупотреба на дрога, општествено вклучување и социјални услуги за ранливите категории граѓани, еднакви можности за жените и за мажите, недискриминација, поттикнување и развој на лични и општествени вредности и унапредување на здравствената заштита. Вкупно средства за реализирање на Програмата за активностите во областа на социјалната, детската и здравствената заштита, во Град Скопје, во 2021 година, се определени во буџетот на Град Скопје за 2021 година, во износ од 92.050.000 денари – велат од Град Скопје.
Во ЗЕЛС немаат податок дали некои од општините, особено сега во пандемијава, им помагале парично на сиромашни семејства, било за погреб било за лекување или операции, но рекоа оти знаат сигурно дека повеќето општини ги зголемиле трошоците за своите сиромашни граѓани.

Велешани добиваат финансиска помош од Општината

Од Општина Велес потврдуваат дека доделувале финансиски средства за лекување, лекување во странство и за социјален погреб. Во програмата за социјална заштита, Општината има предвидено буџетски средства во висина од 500.000 денари за финансиска поддршка на социјално загрозени граѓани.
– Во 2018 година за финансиска поддршка се пристигнати 80 барања, од нив 42 барања се од жени, а 38 барања од мажи. Во 2019 година се пристигнати 102 барања, од нив 52 барања се од жени, а 50 барања од мажи. Во 2020 година исто така за финансиска поддршка се пристигнати 120 барања, од нив 60 барања се од жени и 60 барања се од мажи. Во 2018 година се одобрени 70 барања, од нив 37 барања се на жени и 33 барања се на мажи. Во 2019 година се одобрени 92 барања, од нив 52 барања се на жени и 50 одобрени барања на мажи. Во 2020 година за финансиска поддршка се одобрени 113 барања, од нив 60 барања се одобрени на жени и 53 одобрени барања за мажи – информираат од Општина Велес.
Оттаму велат дека доделиле и финансиски средства за починат од ковид-19, со доставено барање и документи во прилог кон барањето со кои се докажува потребата од помош. Доделувањето финансиски средства од буџетот го врши комисија врз основа на критериуми, според кои, се утврдени правилата и начинот на доделување средства. Во согласност со критериумите, едно лице има право да добие парична помош: за задоволување на потребите на лице или семејство што се нашло во положба на социјален ризик, а која може да остави трајни последици, доколку нема редовни приходи, примател е на постојана парична помош или има потреба за лекување од тешки болести или лекување во странство.

Во Кочани најкористена е мерката „Помош во лекови“

Во Општина Кочани, пак, најмногу била користена мерката за помош во лекови на социјално загрозените семејства, кои не се во можност да си ги обезбедат потребните лекарства.
– Мерката „Помош во лекови“ е најмногу користена и предвидува бесплатна набавка на лекови што не се на товар на Фондот за здравство, до износ од 1.500 денари по корисник, на временски интервал од три месеци. Помошта може да ја користат семејства што не се вработени или се корисници на помош од Центарот за социјални работи. Помошта во лекови можат да ја користат сите возрасни членови од семејството, па се случува за едно семејство што редовно ја користи мерката, Општината да одделува и до 20.000 денари годишно. За болните од карцином, бидејќи користат лекарства (додатоци во исхраната) што обично не паѓаат на товар на Фондот за здравство (разни гелови и лекови за подигање на имунитетот), нема ограничување на користењето на помошта во лекови. Тие можат да ја користат кога сакаат и колку сакаат, без разлика на социјалниот статус и без разлика на временскиот интервал од три месеци. Се случува само едно лице болно од карцином годишно да троши од 15.000 до 20.000 денари од оваа мерка. За користење на овој вид помош, Општината има донесено правилник и воспоставено критериуми што одлично функционираат – велат во Општина Кочани.

Притоа додаваат дека болните од коронавирусот исто така ја користеле оваа мерка бидејќи имале потреба од витамини и други лекарства што не паѓаат на товар на Фондот за здравство. Општина Кочани годишно за оваа намена одделува повеќе од 400.000 денари, а имало 348 корисници во текот на 2020 година, oд кои 158 биле мажи, а 190 жени, за кои биле наменети средства во износ од 452.000 денари од буџетот на Општината.
На лицата болни од ковид-19, оваа општина најмногу им излегла во пресрет со достава на пакети со храна и средства за хигиена. Биле поделени над сто пакети и била остварена и зајакната соработката со општинската организација на Црвениот крст во Кочани, со која се правеле заеднички акции за помош на болните.
Општина Битола исплатила еден милион денари како социјална парична помош за социјално ранливи категории граѓани.